Тешкиот пат до правдата


Објавено на 05/11/2016 во Настани и новости
Тешкиот пат до правдата

Бројни опструкции од судовите и од Советот на јавни обвинители, аболиции и сеење страв со Уставен суд, политички хајки против обвинителите, но и бројни технички проблеми е она што ја одбележа работата на СЈО во првата година од неговото формирање. Речиси цела година во јавноста се отвора прашањето, дали е потребно да се формира специјален суд, односно специјално судско одделение во рамките на Кривичен суд што ќе ги води предметите на СЈО, со цел специјалните обвинители да не се соочуваат со опструкции.

Потребата од специјално судско одделение особено се наметна откако во јавноста излегоа информациите дека Судот одобрил само едно барање за притвор од 20 поднесени барања од СЈО, во споредба со 717-те барања за притвор што ги поднело Основното јавно обвинителство и прифатените 707 во текот на две години.

Потребата од вакво посебно одделение особено се наметна откако во јавноста излегоа информациите дека Судот одобрил само едно барање за притвор од 20 поднесени барања од СЈО, во споредба со 717-те барања за притвор што ги поднело ОЈО и прифатените 707 во текот на две години.

Прашањето за специјално судско одделение го отворија и претставниците на невладиниот сектор на минатонеделната средба со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан во Скопје. Тие на средбата во ЕУ инфо-центарот побарале да се формира специјално судско одделение, кое ќе работи на предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, но претходно да се распушти Судскиот совет и повторно да се реизбере за да се обезбеди непристрасност.

„Слободен печат“ пред неколку месеци објави дека странците подготвувале листа на некорумпирани судии што се без никаква политичка заднина, а кои би можеле да ги водат предметите што ги отвора Специјалното јавно обвинителство. На тој начин, би се одговорило на барањата на поединци и одредени партии да се формира посебен судски оддел што би работел на овие предмети, имајќи предвид дека судството во голем дел е партизирано, а голем број судии работат по директива на власта.

Бараме чесни судии што ќе ја вратат довербата на граѓаните во судството

Дел од партиите јавно излегоа со став за поддршка на вакво специјално судско одделение. Единствено владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквата идеја.

Владимир Панчевски, претседател на скопскиот Кривичен суд,  смета дека формирањето посебен оддел за предметите на СЈО би претставувало кршење на Уставот и законите, но дали е тоа така? Точно е дека Уставот забранува формирање вонредни судови, но Законот за судови јасно и децидно пропишува дека може да се формираат посебни одделенија, како што е случајот со Одделението за организиран криминал, кое функционира во рамките на скопскиот Кривичен суд.

На ваквата можност укажаа некои професори, познавачи на судските закони. Професорката Мирјана Најчевска неодамна во јавни настапи ја отвори дилемата за формирање специјализирано одделение во рамките на Кривичниот суд.

„Во членовите 12 и 23 од Законот за судовите е предвидено формирање специјализирани оддели за карактеристични видови судски спорови. Не гледам зошто да не се формира ваков оддел за споровите од делокругот на специјалното обвинителство. Тоа е многу законски и многу едноставно. Со членот 32 и 122 веќе е формирано вакво одделение за организиран криминал. Во членот 88 е предвидено овие оддели да имаат претседатели и заменици. Значи не станува збор за никаков вонреден суд туку специјализирано одделение составено од избрани судии“ – напиша Најчевска.

Сакаме власт што ќе се избори со корупцијата

Професорот Мерсим Максути, слично како и Најчевска, укажува на одредбите од Законот за судовите, кои предвидуваат постоење специјален оддел во рамките на судот.

– Како најбрзо решение е во рамките на Кривичниот суд Скопје 1 да се формира посебен оддел што ќе се занимава со поднесените случаи на СЈО, оддел што ќе биде составен од посебни судии, кои ќе се именуваат по ист принцип како што беше именуван тимот на Специјалната обвинителка – изјави Максути.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев смета дека формирањето на специјално судско одделение би требало да се разгледува.

– Проблем е што прашањето за посебен суд за предметите од специјалното обвинителство не се отворило кога се формираше СЈО, за што имаше политички договор меѓу четирите најголеми партии. Не верувам дека некому не му текнало за такво нешто, но сепак тоа се премолчело. Што се однесува до членовите од Законот за судови, кои ги посочува професорката Најчевска, сметам дека вреди да се разгледаат. Не верувам дека кога се пишувале, се мислело на посебно одделение за предмети од Специјалното јавно обвинителство, од причина што тоа тогаш не постоело – изјави Калајџиев.

Според него, важно е како ќе се толкуваат овие членови од Законот и кој ќе го врши тоа толкување.

– Понатаму, кој би требало да го формира тоа посебно одделение? Теоретски ова има поголема основа отколку да се формира специјален суд -дециден е професор Калајџиев.

Дали е неопходно формирање на специјално судско одделение?

Хиерархијата на специјализираното судско одделение за случаите на СЈО би била иста како таа во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1. Второстепен надлежен суд ќе биде Апелацискиот суд – Скопје, како што е надлежен и за Одделот за организиран криминал и корупција од Скопска единица. Значи, за жалбите што ќе бидат поднесувани од странките пред специјалното судско одделение во Основниот суд Скопје 1, ќе одлучува Скопска апелација. Претседател на двете специјализирани одделенија бил претседателот на Основниот суд Скопје 1.

Извори од меѓународните посредници, кои работат на предлогот, велат дека се бара системско решение кое сомнежите за евентуално влијание на претседателот врз одделението за делата од прислушуваните разговори и врз Одделението за организиран криминал би ги свел на минимум, за да се намали ризикот од опструкција на истрагите што ги води СЈО. Изборот на судиите ќе биде од постојниот состав на судии во Основниот суд Скопје 1, кои ќе бидат ослободени од други предмети.





Comments are closed.