Секој петти граѓанин се задушува во канџите на сиромаштијата


Објавено на 01/11/2016 во Настани и новости
Секој петти граѓанин се задушува во канџите на сиромаштијата

Повеќе од 450.000 граѓани, или секој петти жител во Македонија живее под прагот на сиромаштијата, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Од нив, дури 29 проценти, односно повеќе од 130.000 се деца на возраст под 14 години.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинства составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2014 година е 25 проценти, а кај оние домаќинства со три издржувани деца, сиромаштијата е 51 процент.

Просечната нето-плата, според последните податоци на Државниот завод за статистика, е 22.334 денари. Во однос на податоците од пред 5 години таа е зголемена за 1.105 денари, но според податоците од Минималната синдикална кошница во овој период трошоците за живот се зголемиле за 3.126 денари. Но, колку луѓе воопшто земаат просечна плата?! Што прават оние 60.000 со минимална плата?

Ова е поразителната слика за животот во Македонија, изразена низ бројки, а која ги засега како оние што не работат, така и оние што работат, а кои сепак не успеваат, и покрај полното осумчасовно работно време, да си обезбедат егзистенција.

Просечната нето-плата во Македонија, според последните податоци на Државниот завод за статистика, е 22.334 денари и во однос на податоците од пред пет години таа е зголемена за 1.105 денари, односно за нешто помалку од 5 проценти. Но, овој тренд на пораст на платите ни од далеку не го следи порастот на трошоците на живот, иако во последно време имаме сосема ниска инфлација, па дури и дефлација. Ова го потврдуваат податоците за куповната моќ на платата.

Бараме повисоки плати и социјална помош, а пониски сметки

Имено, Сојузот на синдикати на Македонија пресметува колку пари се неопходни за да преживее едно четиричлено семејство, кое живее во сопствен стан од 50 квадратни метри, не поседува автомобил и користи евтини средства за хигиена. Во декември 2010 година, оваа таканаречена минимална синдикалнa кошничка тежела 29.199 денари, а во февруари 2016 (до кога постојат податоци) таа изнесувала 32.325 денари, или трошоците се зголемиле за 3.126 денари. Значи, потрошувачката кошничка се зголемила за над 11 проценти, а платите за овој период се зголемиле за помалку од 5 проценти.

Од друга страна, пак, е армијата луѓе што воопшто не земаат плата. Според податоците од Агенцијата за вработување, во Македонија како невработени се пријавиле 199.946. Но оваа бројка не е конечна. Многумина од невработените воопшто и не се пријавуваат во Агенцијата за вработување, затоа што сметаат дека таа нема да им најде работа. Од пред неколку години, за да се добие здравствено осигурување за невработено лице, тоа не мора да се пријави во Агенцијата, односно доволно е да се евидентира во Фондот за здравствено осигурување.

Економските аналитичари сметаат дека во последниве години работодавачите присвојуваат сè поголем дел за себе, а сè помалку им плаќаат на вработените, со што се зголемува и нееднаквоста.

Економскиот истражувач Брани­мир Јовановиќ дошол до бројките дека во периодот меѓу 2010 и 2013 година платите во градежништвото пораснале за 15 проценти, а профитите на сопствениците на капиталот за 54 проценти. Во индустријата, пак, платите пораснале за 3 проценти, а профитите за 83 проценти!

Да живееме, а не само да преживееме!

Сè уште меѓу најнискoплатените се вбројуваат текстилните работници. Таму минималната плата е пониска отколку во другите дејности и изнесува 9.000 денари.

– Притиснати сме до ѕид, немаме избор и мораме да работиме за многу мали плати. Цел ден седиме на машина и на крајот дома носиме пари колку да се платат сметките. И сопругот работи, ама и тој нема среќа да има некое поубаво работно место. Со неговата плата одвај се прехрануваме. Децата одат на училиште, но ние не можеме да им пружиме добри услови. Во денешно време имa многу разлики и меѓу децата па оние што имаат уште од мали нозе им создаваат комплекси на оние што незаслужено не можат да добијат квалитетен живот. Велам незаслужено, затоа што ние, и двајцата родители, вредно работиме, а минимално заработуваме – вели шивачка од Штип.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик на компанијата „Мода“, вели дека платите на текстилците во светот се зголемуваат и дека тој тренд мора да го следи и Македонија.

– Веќе подолго време цената на трудот кај текстилците во Македонија е непроменета и изнесува 7 до 8 евроценти за минута. За да се зголеми цената, треба да се постигне поголема продуктивност, а тоа, пак, ќе се постигне со набавка на посовремени машини. Во однос на современите можности, во светот тие веќе се многу напреднати, а кај нас многу работи сè уште се вршат мануелно. Тие што нема да ја направат модернизацијата, се осудени на пропаст. Платите ќе се зголемуваат и тие мора да го следат тој тренд. Секако, тоа ќе значи и повисока цена на крајниот производ. Но, иако зборуваме дека нема инфлација, ако се следи состојбата во однос на периодот од пред 20 години, на пример, цените се многу променети – вели Димитров.

Во Македонија работата и платата не гарантираат пристоен живот

Во текстилната индустрија, Македонија е на исто ценовно рамниште како и Кина. Иста е цената на производна минута и во Бугарија, нешто е пониска во Албанија, а во Бангладеш и во Виетнам е многу пониска.

За годинава, законски утврдената минимална плата, освен за текстилната и за кожарската индустрија, е 10.080 денари. Кога се воведуваше минималната плата, според процените, во оваа категорија влегуваа 60.000 работници.

Воведувањето на минималната плата се сметаше за историски придонес во подобрувањето на состојбата на работниците, затоа што нема да има експлоатација за плата од 5-6.000 денари. Минималната плата се воведе во 2014 година и тогаш таа изнесуваше 8.800 денари, а пониска беше во текстилната и во кожарската индустрија, која на сегашното ниво на утврдена минимална плата од 10.080 денари треба да стигне во 2018 година.

Покрај многубројните пофалби за постигнатиот договор околу минималната плата, во јавноста излегоа и критики дека тоа е „мечкина услуга“ и дека ја симнува цената на трудот. За минималната плата цврсто „се врзаа“ компаниите што доаѓаат од странство, а се забележа и тренд на масовно огласување на работните места со минимална плата.

Во Македонија, кога се воведе минимална плата, таа се утврди на ниво од 39,6 проценти од просечната плата за претходната година.

Според синдикалната потрошувачка кошничка, пак, трошоците за исхрана и пијалаци во февруари биле 13.400 денари, а трошоците за домување изнесувале 10.437 денари, односно за да се покријат само овие основни трошоци во семејството, потребни се 23.837 денари, односно за нив не се доволни ни две минимални плати во семејството.





Comments are closed.