Се повлекоа и водата и камерите, останаа калта и горчината во душите


Објавено на 18/11/2016 во Настани и новости
Се повлекоа и водата и камерите, останаа калта и горчината во душите

Огромни наноси од кал, натрупани камења, купишта шут, куќи со јасни траги од вода по фасадите, тежок мирис на влага и ниви со огромни локви од вода, е состојбата во повеќе скопски села, три месеци по катастрофалната поплава од 5 август, во која животот го загубија 22 граѓани, а едно 16-месечно девојче сè уште се води како исчезнато.

За помош на семејствата чии домови се поплавени, со ребаланс на Буџетот беа наменети 36 милиони евра, но досега се исплатени само 8 милиони евра! Но, и во исплатите се „кријат“ многу тајни, за кои полугласно зборуваат жителите од поплавените подрачја. Сепак, тие се среќни што извлекле жива глава, па велат дека за пaри некако ќе се снајдат. За жал, никогаш нема да се надоместат жртвите што водата безмилосно ги зеде.

За помош на семејствата чии домови се поплавени, со ребаланс на Буџетот беа наменети 36 милиони евра, но досега се исплатени само 8 милиони евра!

Жителите од поплавените подрачја полугласно зборуваат за различни случки со исплатите. Тие тврдат дека во Стајковци се поплавени околу 300 куќи, но за отштета, на листата се 400. Според нив, газдите на овие куќи на „чуден начин“ пријавиле штети. Исто така, жители од Стајковци зборуваат и дека при делбата на парите постоеле партиски врски. Потоа се зборува за некаква донација од Австралија, која целосно отишла за една куќа, а биле многу пари. Исто така, кружи приказна и за некоја куќа што не била толку оштетена, а сепак, на нејзино место, со буџетски пари се прави нова.

Во меѓувреме, жителите од поплавените подрачја се снаоѓаат кој како знае и умее, за што е можно повеќе да се вратат во нормалниот живот. Сепак, наидовме и на напуштени куќи, кои се толку руинирани или, пак, влажни што семејствата не можат да се вратат во нив.

Тие чиишто куќи не беа поплавени, први трчаа по донации и земаа по неколкупати. Тие, пак, што имаа поплавени куќи, беа зафатени со работа

Драги Стојковски од населбата Ченто добил отштета од 900 евра од државата, но како што вели, со тоа не може да се покрие ништо од направената штета.

– Ниту државата нешто ми дала, ниту па јас очекувам од неа. Сè што сум направил, сум направил со овие 10 прста. Ќе направам пак – вели Стојковски.

Тој објаснува дека кога надошла водата, во подрумските простории и во сутеренот, стигнала до два метра и таму буквално сè пливало и сè е оштетено. Во сутеренот има просторија, каде што неговиот син се занимава со клима-уреди.

– Во поплавата отидоа три клима-уреди што син ми требаше да ги монтира. Само тоа е штета поголема од 900 евра. Во тој дел ни се наоѓаа и двете машини за перење алишта. Имав и материјал за реновирање, стиропор. Сè отиде…

Стојковски има работилница и во Стајковци, веднаш до обиколницата. Таму настрадал покривот, а тој сам си го сменил, односно воопшто и не пријавил дека му е нанесена штета.

Неговиот пријател од Стајковци не сакаше да зборува со име и со презиме, рече дека најважно му е што ја спасил сопругата.

– Две куќи ми се поплавија, една каде што живееме јас и сопругата, а другата, каде што живее синот со семејството. Еве сега носам песок за да ја пополнам дупката пред мојата куќа. Не можам нормално да влегувам и да излегувам, но имав многу за работа внатре и не стигнав да работам пред влезот. Државата засега ми нема дадено ни денар. Но, кога ќе се сетам што можеше да ми се случи… Со сопругата бевме надвор и одеднаш слушнавме страшна бучава. А кога се свртевме, водата веќе нè влечеше. Јас се фатив за ограда и цврсто ја стегнав сопругата за рака. Но таа, сепак се отпушти. Не знам ни сам како ја спасив – вели нашиот соговорник.

Државата потфрли и пред и по дождот

Главната улица во Стајковци е целосно раскопана и се подготвува за асфалтирање. Споредните улици, пак, се калливи и на нив згаснаа повеќе животи.

Горан Петрински живее на стотина метри од местото каде што загинаа мајка и дете, кои водата ги влечеше од обиколницата, а беа пронајдени меѓу две куќи. Во близина беше пронајдена и мртва жена, која се држела за ограда.

Куќата на Петрински сè уште има траги од влага. Влезната врата е сменета, а од куќата се слуша џагорот на децата.

– За среќа, сите сме живи и здрави. За почеток, од државата ги добив оние авансни 30.000 денари. Дојдоа и направија процена. Колку што видов, реално запишаа. Очекувам сите постепено да бидеме обесштетени – оптимистички вели Петрински.

Горан за време на поплавата бил на гробишта. И таму водата силно надошла и не можел со часови да се врати дома. Децата му биле на гости, а за среќа, во тој дел од селото, немало поплава. Но сопругата Бранкица била сама дома.

– Се обидов да ја отворам вратата, но тешко ми одеше. Водата беше толку надојдена и правеше притисок, што одвај некако успеав да излезам. Сопругот ми кажа дека се јавил соседот, кој беше на одмор во Грција и му кажал дека мајка му е сама дома. Таа жена е многу болна. Имаше 12 операции. Се концентрирав на тоа да ја спасам. Одев бавно, вода имаше насекаде. Некако се задржував меѓу куќите и стигнав до нејзината. Таа стоеше на ниската тераса и викаше за помош. Не знам ни сама како ѝ помогнав да се префрли преку терасата и како успеав да ја довлечкам до пред мојата врата, кога таа одвај оди. Жената викала на терасата повеќе од еден час – вели Бранкица.

Горан нè однесе во куќата на спасената жена. Беше морничаво да се влезе. Таму каде што се спојуваа надворешните ѕидови со подот, имаше отвори. Водата од сите страни буквално влегувала во домот. Од фасадата, од прозорците… Во оваа куќа веќе не може да се живее. Таа не може ни да се поправи. Небезбедна е. Би требало да се урне и да се изгради нова. Спасената жена во моментов се наоѓа во дом за стари лица.

Хуманост на дело за време на поплавите покажаа многу граѓани, но и фирми. Тие ја претркаа државната грижа и беа првите што на граѓаните од поплавените подрачја им подадоа рака. Се донираше вода, спакувана храна, топли оброци и облека. За жал, како што вели еден од координаторите за делење помош, донациите секогаш не стигнуваа во прави раце.

– Тие чиишто куќи не беа поплавени, први трчаа по донации и земаа по неколкупати. Тие, пак, што имаа поплавени куќи, беа зафатени со работа и додека да појдат по нешто храна, се случуваше таа да биде потрошена. Поради тоа донациите се делеа од куќа на куќа – вели нашиот соговорник.

Жителите од поплавените подрачја велат дека сега се плашат и кога ќе заврне најмал дожд. Она што го доживеале, велат дека не може да се опише. Што се однесува до материјалната штета, многумина коментираат дека е добро што е предизборен период, па Владата најверојатно ќе се сети на нив за да може колку-толку да се закрпат.





Comments are closed.