Само Бах им дојде напомош на тетовци!


Објавено на 07/11/2016 во Настани и новости
Само Бах им дојде напомош на тетовци!

Опкружени со отпадоци, минатиот месец уметниците и публиката носеа маски и уживаа во изведбата на свитата „Воздух“ на Бах, во знак на протест против собирот на отпадокот во влезот на Тетово. Во амбиентот околу нив, во дивата депонија, нормално дека не уживаа. Необичниот настап со две виолончела на депонијата имаше хуманитарен аспект и испраќаше јасен апел – да се отстрани сето она што може да предизвика ширење или појава на болести. Невообичаениот, но мошне впечатлив настап го организираше еколошкото друштво „Еко герила“.

„У Тетоо поголема е веројатноста да преживиш ако престанеш да дишиш него ако дишиш!“, е еден од попознатите коментари на граѓански активист, а најстрашно е тоа што содржината не е шеговита, туку е суровa вистина.

Освен со звуците од виолончела, тетовци и со шеги на своја сметка се трудат да го одржат барем своето ментално здравје, додека во текот на целатa година дишат отровен воздух. Податоците се дури морничави, во рок од четири месеци, само 15 дена воздухот во градот не е загаден.
„У Тетоо поголема е веројатноста да преживиш ако престанеш да дишиш него ако дишиш!“, е еден познат коментар на Дамир Незири, активист од Тетово, кој често се шегува на своја сметка, но и на сметка на своите сограѓани, кои најголем дел од годината се борат со брановите на екстремна загаденост во воздухот. Незири лани стана познат на социјалните мрежи откако со најновите индекси на загаденост во градот, често ѝ посакуваше „добро утро“ на тетовската градоначалничка Теута Арифи.

Отровниот воздух не ги размрда владата и општината

Најпоразително е што градот под Шара ја доби титулата „најзагаден град во светот“. Лани во Тетово беа измерени дури 915 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, а максимално дозволената граница во Европската Унија е 50 микрограми на метар кубен.

Претоварната станица лоцирана на влезот од Тетово, со времен карактер, каде што повремено требаше да се собираат купишта отпад, одамна ја изгуби таа смисла и стана дива депонија. Уште еден апсурд – таа се наоѓа во непосредна близина на најголемиот производител на леб, бели печива, тестенини и брашно „Жито Полог“! Купиштата смет со илјадници тони што се натрупуваат на депонијата, се закануваат да станат повисоки и од Шар Планина. Од брдата смет излегуваат разни птици, мачки, кучиња и сè друго што ја пренесува нечистотијата во градот и се сериозни носители на разни заразни болести. Депонијата им се заканува на тетовци и во студените, а уште повеќе во топлите летни денови.

Чистиот воздух не е луксуз кој си го дозволуваме еднаш годишно, туку право на сите граѓани

Граѓанските активисти и лекарите одамна предупредуваат дека отпадот во дивата депонија сериозно го загадува воздухот.
– Има потврдени сознанија дека индустриски и стопански објекти имаат индивидуални водоснабдителни системи од подземните води што исто така се загадуваат. Тука се создаваат канцерогени материи. Колку подолго трае оваа агонија, толку е поголема опасноста за луѓето – сериозно предупреди во јули Џавит Фејзули, специјалист по хигиена и социјална медицина.

Не помалку канцерогени материи испуштаат оџаците на индустрискиот комбинат „Југохром“, кој се наоѓа на околу 15 километри оддалеченост од градот и кој несомнено е најголем причинител за загадувањето во Тетово. „Југохром“ дури на почетокот на минатиот месец ја доби дозволата за изградба на комплетниот систем за отпрашување, а првиот погон, според најоптимистичките прогнози, ќе биде готов на почетокот на идната година. Тоа значи уште една зима тетовци ќе живеат во гасни комори.

Имаме право на чиста животна средина

Тетовци и активистите лани бараа овој комбинат да биде затворен ако не постави филтри, а пред некој ден тетовската градоначалничка Теута Арифи рече дека ќе побара од Владата „Југохром“ да не работи до март 2017 година, ако не постави филтри. Ова и не прозвучи премногу оптимистички, затоа што кампањските залагања за чист воздух во Тетово не се непознати, а паралелно со тоа на „големите“ загадувачи упорно им се прогледува низ прсти.

А за еколошкиот геноцид на кој се изложени тетовци, сведочат и теглите со цвет што произведува кислород, кои се поставени низ Тетово. Ниту упорните  протести на илјадниците тетовци не ја разбуди совеста на надлежните дека се одговорни за овој екоцид.





Comments are closed.