Промашеното јавно здравство му се погоди на приватното


Објавено на 08/11/2016 во Настани и новости
Промашеното јавно здравство му се погоди на приватното

Цел месец ми отекуваа нозете, рацете, лицето, но на лекарите во болниците тоа не им се виде алармантно и ме препраќаа од еден на друг, за на крајот да завршам на Клиниката за кардиологија во бессознание, од каде што по само еден ден ме вратија дома неподвижна, раскажува една 54-годишна скопјанка.

Сите проекти на актуелната власт ги чинеа граѓаните многу пари, а поголем дел од парите завршија по приватни џебови. Уште пострашно е тоа што и покрај тоа пациенти умираат чекајќи лек, операција, снимање или некоја друга услуга.

Ова е само еден пример, кој го покажува нефункционирањето на нашиот здравствен систем во кој пациентите одамна престанаа да бидат живи луѓе туку само бројки, систем во кој лекарот повеќе време комуницира со компјутерот отколку со пациентот, систем во кој способните лекари веќе не се достапни со здравствена книшка, туку со многу пари во приватните болници, систем во кој скапата медицинска опрема стои неотпакувана бидејќи нема каде да се смести или бидејќи нема кој да работи со неа, систем во кој може да спасите глава само ако имате многу добри врски, блиски до министерот Никола Тодоров или до некој функционер од партијата на власт.

Бараме здравство кое нема да ги третира пациентите како бројки

– Кога првите денови забележав дека целата сум подуена, почнав да одам по лекари. На матичен лекар ми дадоа упат за интернист, но датумот беше речиси после еден месец. Отидов на интернист, а тој ме прати на Трансфузиологија. Таму ми рекоа дека не сум за кај нив, да одам на ревматолошки оддел. Но следниот ден се разбудив на Кардиологија, а не се сеќавам како сум стасала дотаму. Но не ме задржаа долго, со објаснување дека не сум била за таму и со брза помош ме вратија дома. Дома лежев неподвижна. Ми дадоа некои лекови. На Кардиологија немало место да ме задржат. По една недела во кревет, почнав полека да станувам и пак отидов на Кардиологија. И при овој преглед ми рекоа дека проблемот не е до срцето и сега пак скитам по институциите. Само сега, за разлика од првиот пат, ми даваат приоритетен упат. Јас мислев дека, како пациентка, треба да правам како што ќе ми кажат, и ете што ме снајде! Со мој термин останав без лекар кога најмногу ми требаше – раскажува нашата соговорничка.

За да биде нејзината несреќа поголема, таа живее со мајка која е неподвижна.

– Наместо да ме задржат во болница и да бараат чаре, ме шутнаа дома. И сега јас сама повторно треба да одам од лекар до лекар за да најдам што е проблемот. И да се надевам дека во тоа ќе успеам пред повторно да ми се влоши здравствената состојба – вели 54-годишната жена.

Во јули годинава се навршуваат три години откако се воведе националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, но надлежните не успеаја од него да направат алатка со која пациентите полесно ќе се движат низ системот туку, напротив, направија уште една голема барикада за пациентите. Се поставува прашањето дали тоа и беше целта, пациентите да се откажуваат од обидот да ги добијат услугите во јавното здравство бидејќи тие стануваат тешко достапни, па чарето да го бараат во приватните болници.

Сакаме здравство што лечи, а не мој термин што пречи!

Дека оваа теза е многу сериозна, говори и фактот што во последниве 10 години приватното здравство доживува вистински бум. Се отворија голем број поликлиники и болници, кои нудат најразлични здравствени услуги, од оние наједноставните, па сè до најсложените.

Министерот Тодоров сака да кажува дека се градат и се реновираат болници. Но големите проекти како оној за новиот клинички центар Мајка Тереза или за ПЕТ-центарот, сè уште се само дупка.

Искуството покажува дека и тоа што е направено не трае долго. Во новата зграда на Клиниката за гинекологија, на пример, по секој дожд тече вода од вентилацијата, па насекаде по приземјето на болницата каде што се амбулантите, се ставаат кофи во кои капе водата. А и реновирањето не е квалитетно и долготрајно. На Хируршките клиники пред две години беа реновираните салите, а ѕидовите повторно се испукани од влага.

Оваа власт често сака да се фали дека купува нова медицинска опрема. Вистина е дека опремата се купува, само голема тајна е што сè е купено, за колку пари и каде таа опрема се наоѓа. Ова никој не го кажува. Искуството покажува дека скапите апарати како компјутерската томографија, на пример, откако ќе се расипат, не се поправаат. Дури не им се купуваат ни потрошни делови зашто болниците немаат пари. Добар дел, како на пример мамографот во Македонска Каменица, стојат како декор во болниците бидејќи нема лекари што ќе работат со нив.

Каде е проектот „100 најдобри лекари“ и оној за плаќање по учинок? Тие станаа механизам за наградување на подобните и казнување на неподобните. Каква функција има економскиот директор во болницата освен да прави трошок од најмалку 1.500 евра месечно за неговата бруто-плата, кога Министерството за здравство ги централизираше набавките за болниците? И сега Тодоров и неговите соработници решаваат кој ќе добие некој тендер.

Скапите реформи никако да донесат квалитетни услуги за пациентите

Промашен е и проектот со електронската картичка, која требаше да ја замени здравствената книшка, упатите, рецептите, но ништо од тоа не се случи. Едно време картичката се користеше како замена за сини картони, а сега ја нема ниту таа функција. Ако ја изгубите, воопшто не мачете се да вадите нова, никој веќе не ја бара.

И тука некаде се и старите и вечни проблеми во болниците – немање реагенси, лекови, потрошни материјали.

Сè на сè, сите проекти на актуелната власт ги чинеа граѓаните многу пари, а поголем дел од парите завршија по приватни џебови. Уште пострашно е тоа што, и покрај потрошените пари, пациентите умираат чекајќи лек, операција, снимање или некоја друга услуга.

Најпоразително е што изостанува каква било одговорност за промашувањата и за грешките. И покрај сите неуспешни проекти и сите проблеми во здравството, па дури и смртни случаи што беа директна последица на системските слабости, актуелниот министер Тодоров не помисли да си даде оставка. Наместо да биде сменет од функцијата, тој дури беше унапреден во вицепремиер.





Comments are closed.