Параходот граби, до кога?


Објавено на 02/11/2016 во Настани и новости
Параходот граби, до кога?

Од земја со одвај два милиона жители, само лани повеќе од 24.000 македонски државјани ја напуштиле својата татковина во потрага по подобар живот во Германија, а дури половината од нив и останале во оваа земја.

Македонија од ден на ден сè повеќе се празни. Македонија старее, а има одвај 25 години од независноста, а веќе половина милион граѓани се избркани од земјава поради бесперспективност, невработеност, различен политички став или поради очајот дека овде немаат иднина.

Ова е веста што неодамна уште еднаш ја потврди болната вистина, дека Македонците масовно ја напуштаат својата земја.

Во оваа европска земја, според Дојче веле, живеат 100.000 македонски државјани, но најстрашниот факт што го покажуваат бројките е дека во последните шест години драматично се засилува трендот на масовно иселување од Македонија кон Германија.

Далеку од Македонија своето животно засолниште најмногу го бараат луѓето на возраст од 20 до 45 години, токму во добата кога се најплодотворни.

Професорката на Правниот факултет и ударна тупаница на режимската пропаганда, Татјана Каракамишева, во една своја колумна во „Дневник“ се обиде да ѝ фрли „пипер во очи“ на јавноста со тезата, заснована на „репрезентативен примерок“ од триесетина иселеници, дека главните мотиви на нивните заминувања, не се сиромаштијата или економската, па и политичката бесперспективност, туку – невозвратената љубов!?

„Во најголем број од случаите се работи за тага поради невозвратена или непреболена љубов па чарето одлучиле да го бараат во заминување подалеку од партнерот, со мислата дека, ако се подалеку од местото каде што сè ги потсетува на неа/него, полесно ќе им оди со преболувањето“, пишува Каракамишева, на општо згрозување на мислечкиот дел од јавноста.

Имаме право на работа без мито и партиска книшка

И, што мислите, дали младите заминуваат во странство да бараат љубов или, пак, леб?! Зарем младите во своите куфери ја спакуваа својата невозвратената ем непреболена љубов и параходот тргна…

Истражувањата на Младинскиот образовен форум, изработени на многу поголем репрезентативен примерок од оној на Каракамишева, пак, покажуваат дека најголеми проблеми за младите се невработеноста и лошата економска ситуација. За жал, вистината е дека младите заминуваат од дома за да бараат подобра иднина надвор од Македонија. Главните причини поради кои илјадници млади луѓе годишно ја напуштаат земјава се пари, подобро образование, подобро платена работа, подобро здравство… Младите луѓе поради немањето можност за вработување, станаа зависни од семејниот буџет и не можат да создадат сопствен живот, но не сакаат, а и не можат да „легнат“ на грбот на своите родители, најчесто пензионери.

Во последните години и политиката сè повеќе ги брка младите надвор од земјата. Една половина од нив велат дека се плашат да го објават своето политичко мислење дури и на Фејсбук. Ги почувствувале етикетирањата и проблемите само затоа што имаат поинакво мислење, иако Македонија, според Уставот, треба да е плуралистичка, демократска држава во која е гарантирана слободата на мислењето, говорот и уверувањето.

Сепак, додека Каракамишева анализира, а власта си се афирмира со своите успеси и дела, државните институции молчат за егзодусот на македонските државјани. Но, Светска банка и Еуростат педантно бележат.

Сè повеќе млади од Македонија си ги пакуваат куферите

Фрапантни се податоците од последниот извештај на Светска банка за иселувањето објавен во 2010 година и на службата за статистика на ЕУ, Еуростат, која располага со податоци за периодот од 1998 до 2012 година, а во последните четири години, кои се сè уште „неистражени“, сигурно овие податоци ќе влезат и во фаталната зона на тивко но масовно исчезнување на народот од оваа земја.

Според Светска банка, 447.000 луѓе се иселиле од земјава заклучно со 2010 година, според што Македонија влегува во групата земји со најмногу емигранти, споредено со вкупниот број жители. Земјава е рангирана на 23-то место во групата од 25 земји со најмногу емигранти, односно со 21,9 отсто емигранти од вкупното население.

Повеќе од 230.000 македонски граѓани од 1998 до 2012 година се иселиле во Европската Унија и во САД, покажуваат податоците на Евростат. Тоа е повеќе од 10 отсто од населението.

Алармантен е  податокот дека 16 отсто од граѓаните што мигрирале во странство во 2012 година, постојано или привремено, се млади, а од нив – 12 отсто се со високо образование.





Comments are closed.