Никој не знае како си гласал, ако бара да знае може да оди в затвор!


Објавено на 15/11/2016 во Настани и новости
Никој не знае како си гласал, ако бара да знае може да оди в затвор!

Во Македонија кружи бауч дека партиите, особено тие на власт, лесно може да дознаат кој за кого гласал и тоа да го употребат против гласачот – за да го стават во немилост, да му го загорчат животот, да остане без работното место, без унапредување, без субвенции…

Оправдана или не, перцепцијата дека тајноста на гласањето не постои, е длабоко вкоренета. Според анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена годинава, 28 отсто од испитаниците одговориле дека не веруваат дека нивниот глас на денот на изборите е тајна.

Не сите гласачи знаат дека тајноста на гласањето е гарантирана со Уставот и дека за нејзино прекршување следуваат строги казни од три до пет години затвор. Проширено е уверувањето дека партиите, кои се најмногу заинтересирани за нивниот глас, имаат начин да го заобиколат и Уставот и законот, и дека имаат механизми и технологија да дознаат кој како заокружил во параванот. Најпосле, одговарал ли некој во Македонија за нарушување на тајноста на гласањето?

Оправдана или не, перцепцијата дека тајноста на гласањето не постои е длабоко вкоренета. Според анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена годинава, 28 отсто од испитаниците одговориле дека не веруваат дека нивниот глас на денот на изборите е тајна. Во последните три години овој процент бил највисок во мај 2014 година, односно веднаш по вонредните парламентарни и редовните претседателски избори, кога изнесувал 49 проценти. Веројатно овој процент најреално пoкажува што навистина граѓаните чувствуваат бидејќи веднаш по изборите имаат најсвежо сеќавање за тоа што се случувало на изборниот ден.

До слични податоци дошле и истражувачите од Македонскиот центар за европско образование. Во анкетата што ја направиле дури 41 отсто од испитаниците рекле дека власта има начин да дознае за кого гласале.

Нереалните стравови на гласачите реално влијаат врз изборите

Ваквото уверување на гласачите е од голема корист за партиите, кои го сфаќаат односот кон своите гласачи како однос кон „клиент“. Вработување, унапредување, субвенции, привилегии, се главни методи за регрутирање гласачи. Изборите се време да се возврати услугата. Затоа е многу важно „корисникот“ да верува дека неговиот глас се знае и дека мора да гласа како што е „договорено“. Инаку, целата шема паѓа во вода.

За да се создаде ова уверување, разработена е цела шема. Прво, пред избори, конкретните активности почнуваат со правење „списоци на сигурни гласачи“. Речиси да нема некој што не бил замолен од роднина или од пријател да биде ставен на некаков список. И така теоријата на заговор почнува да се плете. Гласачот е ставен на список, го имаат во компјутер, го контактираат телефонски или на СМС и сето тоа го тера да верува дека е контролиран.

Имаме право да гласаме ослободени од страв и притисоци

На денот на гласањето притисокот е наjголем. Гласачите прво добиваат време во кое мора да се појават на гласање, а ако го пропуштат терминот, тогаш веднаш добива телефонски повик од штабот. Пред гласачкото место стојат партиски емисари со некакви списоци и гледаат кој влегува, кој излегува, кој со кого разговара, што дополнително создава нервоза и притисок кај гласачите.

На гласачкото место продолжува агонијата, бидејќи членовите на избирачките одбори на глас го читаат името и презимето на гласачот, што е спротивно на законот. Ова се прави за набљудувачите од политичките партии да знаат кој дошол да гласа. Гласачите имаат право да реагираат на оваа практика. Но сепак најголем дел од нив не знаат што се случува и во таа напната ситуација веќе верува дека мора да ја спроведе „директивата“ од шефот или од месниот партиски комитет, да стави квадрат наместо круг или да го слика заокруженото ливче. Минатите избори фотографии од ливчињата се објавуваа на Фејсбук, со што исто така се прекршува тајноста на гласањето.

28 отсто од испитаниците не веруваат дека нивниот глас е таен

За атмосферата на страв на денот на гласањето, придонесува и полицијата, која е присутна во училиштата каде што се наоѓаат гласачките места. Важно е да се напомене дека полицијата не смее да биде таму, таа може да биде во дворот на училиштето, но не и внатре. Полицијата влегува внатре само на барање на избирачките одбори.

Пред избори исто така се пласираат конспиративни приказни дека има камери во пенкалата, дека се бележани гласачките ливчиња со сериски броеви, дека се прави „бугарски воз“… Покрај тоа, гласачите имаат многу причини да веруваат дека телефонските разговори се прислушуваат.

– Во авторитарни и полуавторитарни системи не е невообичаено власта да создава атмосфера на страв преку ширење конспиративни теории, со што кај луѓето создава чувство дека постојано се следени. Треба да се нагласи дека стравот не е реален, дека нема начин да се дознае кој за кого гласал, освен ако некој не е дел од некаков криминален систем – вели Љупчо Петковски од МЦЕО.





Comments are closed.