Нечисти игри со загадувачот „Југохром“


Објавено на 19/11/2016 во Настани и новости
Нечисти игри со загадувачот „Југохром“

По силниот притисок на јавноста и на невладините активисти, комбинатот за феролегури „Југохром“, сместен во тетовското село Јегуновце, ги исклучи печките. Комбинатот не успеа до 30 октомври да го испочитува последниот рок даден од Владата за да го пушти во употреба системот за отпрашување на воздухот, што беше  неопходен услов за имплементацијата на т.н. „А – Интегрирана еколошка дозвола“.

За да ги запази еколошките стандарди пропишани со закон, според интерните пресметки, компанијата „Југохром“ требало да потроши околу 10 милиони евра.

Комбинатот „Југохром“, иако се наоѓа на 17 километри од Тетово, се смета за најголем загадувач на воздухот во овој град. Натегањата околу изградбата на систем што нема да дозволи да се загадува околината, траат со години, а во меѓувреме Тетово се задушува во отровни честички. На која карта играше „Југохром“ кога постојано го одложуваше почнувањето на процедурата и изградбата на системот за отпрашување? Постоеја ли некои тајни ветувања од власта за толеранција, или пак, „Југохром“ играше на картата на социјалата, бидејќи затворање на овој комбинат за феролегури, би значело оставање 1.000 луѓе на улица.

За да ги запази еколошките стандарди, според информациите од компанијата, „Југохром“ требало да потроши околу 10 милиони евра.

Големите компании, кои воедно се сметаат за големи загадувачи, добија од Владата рокови до кои треба да добијат таканаречени „А – Интегрирани еколошки дозволи“. Првиот рок за „Југохром“ беше јануари 2014 година, па се пролонгира за 31 октомври 2014 година, па потоа рокот се пролонгира на две години, односно до 31 октомври 2016 година. Но, поради големиот притисок на јавноста и поради тоа што ланското зимо се евидентираа страшни бројки околу загаденоста на воздухот, печките во „Југохром“ се изгаснаа за 31 декември, а беше договорено да се пуштат на 1 март, кога ќе помине критичниот период со загадувањето. Во тој период, вработените не примаа плата, туку паричен надоместок од Агенцијата за вработување во висина од 5.000 денари месечно.

Кој му дозволи на комбинатот толку време да загадува?

Во меѓувреме, „Југохром“ слабо напредуваше околу постапката за изградбата на отпрашителната станица, а во неколку наврати доби опомена од Министерството за животна средина. Така, на 31 октомври годинава, комбинатот беше далеку од целта – да го пушти во употреба системот за отпрашување. На терен може да се видат само почетни градежни работи.

Според изјавите во медиумите на раководните луѓе од „Југохром“, ако административните процедури беа полесни, и изградбата на објектот ќе беше готова. Оттаму појаснија дека од дополнителниот рок од 24 месеци што го добија во 2014 година, дури 21 месец потрошија на одобрувања од повеќе нивоа. Притоа, Министерството за животна средина јасно им потенцирало дека без завршена процедура не смеат ништо да почнат да прават.

Од Министерството за животна средина, пак, изјавија дека застојот не се случил кај нив.

– Прво треба да се добие градежна дозвола. Без таа дозвола беспредметно би било Министерството за животна средина да разгледува дали постои усогласување со оперативниот план, со каква технологија ќе се врши отпрашувањето и слично – велат од Министерството за животна средина.

Имаме право на чист воздух

Министерството за транспорт и врски, пак, молчи околу тоа дали кај нив закочила процедурата за издавање градежна дозвола и зошто.

Според Правилникот за постапка на добивање „А – Интегрирана еколошка дозвола“, јасно е дека станува работа за долга и сериозна процедура, која бара време.

Пред да истече последниот рок за имплементирањето на А еколошката дозвола, комбинатот „Југохром“ достави барање до Владата за ново продолжување на рокот од 18 месеци. Досега во јавноста Владата не даде одговор дали размислува за продолжување на рокот, односно дали ова прашање ќе го стави на дневен ред на некоја седница. Како што дознаваме од извори од „Југохром“, компанијата засега ги задржа сите вработени, токму играјќи на картата дека Владата ќе попушти, откако во декември и во јануари ќе ѝ бидат презентирани дневните извештаи за загадувањето, кое се очекува да биде на високо ниво и по исклучувањето на печките.





Comments are closed.