Мониторинг на МРТ1, Извештај број 5: Неутрален тон, но селективен и небалансиран новинарски пристап


Објавено на 09/12/2016 во Настани и новости
Мониторинг на МРТ1, Извештај број 5: Неутрален тон, но селективен и небалансиран новинарски пристап

И во периодот 28 ноември – 1 декември, во Дневникот 2 на МРТ1 најмногу простор добија ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ, Коалицијата за промени и правда и ДПА, а потоа следат ВМРО за Македонија, Либерална партија, Алијанса за Албанците, Беса и Левица.

Иако најавите на прилозите, како и тонот на известување се неутрални и информативни, сепак, селективниот пристап на новинарите продолжи во овој период и го наруши балансот во фер-информирањето на МРТ1 за предизборните активности на политичките партии. Оваа селективност беше највидлива во прилозите посветени на опозициската СДСМ.

Додека во известувањето за ВМРО-ДПМНЕ, МРТ1 секојдневно ги пренесуваше директните напади и обвинувања на адреса на СДСМ и нејзиниот лидер, Зоран Заев, кои често навлегуваа во таканаречена „црна кампања“, во прилозите за СДСМ, не беше пренесен ниту еден одговор на нападите, како и ниту една порака или критика упатена директно до власта, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Никола Груевски. Со други зборови, додека власта и опозицијата добиваат релативно исто медиумско време за претставување на економските аспекти од нивните програми, на политичкиот фронт рамнотежата е изместена. МРТ1 ја пренесува целата палета на офанзивна реторика на власта спрема опозицијата, а на опозицијата ѝ ја скратува можноста за одбрана од нападите, но и за критика спрема власта која ја води државата повеќе од 10 години.

Ваквиот начин на селекција на информации (од страна на новинарите во МРТ1) кои им се пренесуваат на граѓаните од митинзите и другите предизборни активности на политичките партии, го нарушува балансот во известувањето и оди во полза на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој период на мониторинг, во Дневникот 2 на МРТ1 редовно беа застапени активностите на граѓанскиот сектор, случувањата во синдикалното организирање и во судството, работата на СЈО и др.

Јавниот сервис известуваше и за текот на спроведувањето на акцијата „Ден на дрвото“. Начинот на информирање беше афирмативен и поддржувачки.

Во прилог на ова соопштение ви доставуваме и инфографик со клучните наоди од мониторингот на НВО Инфоцентарот.





Comments are closed.