Ќе се вработиш ако така каже партијата


Објавено на 17/11/2016 во Настани и новости
Ќе се вработиш ако така каже партијата

Во Македонија се случува своевиден парадокс – иако бројот на невработените е огромен, процентуално, најголем во регионот и во Европа, бројот на тие што бараат работа – се намалува!? Голем дел не се пријавуваат во Агенцијата за вработување и дозволуваат да бидат „избришани“, зашто воопшто не веруваат дека на тој начин ќе дојдат до вработување. Други, пак, кренале раце од каква било потрага по вработување во земјава и само бараат начин да заминат во странство.

Посебно се неповолни показателите за степенот на невработеност кај младите луѓе до 29 години, возраст непосредно по оформувањето на образованието. Невработеноста на овие години претставува една од главните причини за заминување на младите луѓе во странство.

– Се пријавував со години, но не се пријавувам повеќе. А зошто да се пријавувам? Ниту некогаш ме викнале ниту очекувам да ме викнат. Јас сум дипломиран машински инженер, но ниеден ден не сум бил вработен по струката, иако сум работел по неколку месеци на диво или на проекти – вели Горан Х. од Прилеп, кој дипломирал на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Тој вели дека на прсти се бројат инженерите во Прилеп што се вработиле.

– Се знае кој е главен услов. Се јавував на некои огласи од индустриските зони, одев на тестирања, но пак ништо – тие места се резервирани за луѓе со дебели врски, партиски или пријателски. Најдов преку интернет некои конкурси во странство и сега интензивно учам германски, зашто тоа задолжително се бара. Не е лесно, не знам што ќе направам, поминаа 15 години откако дипломирав, науката оди напред, а јас немам никаков стаж по струката – раскажува 39-годишниот Горан, неоженет и досега без ниедно редовно вработување. Вели дека „подработувал“ на диво, како таксист, бармен или наемник, но како што вели, „да не беа моите родители пензионери, не знам што ќе правев“.

Во второто тримесечје од 2016 година бројот на невработени изнесувал дури 227.720

Неговиот пример не е осамен. Дури 45 отсто од невработените наместо работа, бараат партиска врска за да се вработат, покажува една анкета на УНДП. Само 12 отсто од тие што бараат работа, тоа го прават на класичниот начин, читајќи огласи и пребарувајќи на интернет. Само 11 отсто користат приватни агенции за посредување при вработување. Половина од невработените чекаат работа повеќе од пет години, а потоа се откажуваат.

– Некое време активно барам работа по огласи и во агенциите за вработување, ама без никаков ефект. Барам соодветно по струка и несоодветно, со средно образование, ама ништо. Моите колешки од факултет што имаа врски си се вработија во банки, ревизорски куќи и во други атрактивни компании. Тие што имаат пристап до лица од партијата на власт, си влегоа во општините, си земаат по 25.000 денари и цел ден се на Фејсбук. Така, во наша Македонија само тој систем на вработување е ефикасен, а тешко на ваквите како мене. Во оваа земја е исклучок да се вработиш без врски. Веќе губам надеж, за џабе студирав, за џабе толку труд – вели Гордана М., дипломирана економистка од Скопје.

Македонија е земја апсолутен европски рекордер според бројот на невработени по глава на жител. Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2016 година бројот на невработени изнесувал дури 227.720 лица или 24 отсто од активното население.

Агенцијата за вработување, пак, во својата евиденција на крајот на септември годинава изброја 103.646 активно невработени лица или вкупно 201.651 невработени лица.

Партиската книшка да не биде главен адут за вработување

Иако располагаат со различни податоци, Заводот за статистика и Агенцијата за вработување сепак во изминатите шест години регистрираа ист тренд – вработеноста се зголемува, а невработеноста се намалува. Но, она што и натаму обесхрабрува е големата невработеност на младите луѓе. На крајот од септември, годинава според податоците на Агенцијата за вработување 49,2 отсто од невработените се на возраст од 15 до 24 години. Високи проценти покажува и невработеноста на младото население од 24 до 29 години, што говори дека најголем проблем со наоѓањето работа имаат токму младите луѓе.

Стапката на невработеност на населението од 29 до 49 години возраст, според податоците на ДЗС објавени во септември, изнесува 23,6 отсто.

Македонија и натаму европски шампион според процентот на невработени

Токму ваквата стапка на невработеност е една од клучните причини зошто младото работоспособно население решението за егзистенција го бара во напуштањето на Македонија, оценува истражувањето направено од тим на „Фајненс тинк“ во анализата со наслов „Субвенционирано вработување на невработени млади лица до 29 години преку ослободување од придонеси“.

„Посебно се неповолни показателите за степенот на невработеност кај младите луѓе до 29 години (станува збор за возраст непосредно по оформувањето на формалното образование). Невработеноста на овие години претставува една од главните причини за заминување на младите луѓе во странство. Мотивот е јасен – се бара вработување. Вработувањето на младите луѓе во татковината ќе го намали трендот на иселување, но исто така ќе влијае позитивно и на повеќе сегменти од општествено-економскиот живот во државата“, се нотира во анализата.

Истражувањето покажува дека во период од шест години (од 2009 до 2015 година) заедно со вториот квартал од 2016 година е регистрирано намалување на стапката на невработеност кај сите возрасни категории луѓе. Сепак, кај првата категорија луѓе од 15 до 24 години се забележува одреден раст на невработеноста, регистриран лани.

Во последниот извештај и Светска банка го констатира истото – дека сè помал е бројот на граѓани што бараат работа. Или се отселени или се откажеле дека ќе најдат воопшто работа, велат од Светска банка.





Comments are closed.